Најчести прашања за еднодневните воведи по танц

Белешка за девојките

Доколку има било какви промени и не можеш да стигнеш на воведот - информирај не. Женските места секогаш се преполнуваат премногу брзо, и потоа настанува листа за чекање. На таа листа има девојки кои чекаат да се ослободи место за да дојдат наместо таа што откажала место. Значи ако не можеш да стигнеш, информирај не на време да го дадеме местото на друга.

Општо

Што треба да облечам?​

Во студијата каде што ги одржуваме часовите, се пази доста за хигиената на подот.

– Ќе требаме да носиме посебно (чисти) обувки.

– Ако некој навистина нема посебен пар за вежбање (и не може да најде стар пар), не е задолжително, а ќе имаат како да се зачистат барем малку пред влегување во салата.

– Но ќе пробаме сите да вежбаме со посебни обувки, не со истите обувки со кои доаѓаме од надвор.

Во однос на алишта – нема правило. На еднодневните воведи некои доаѓаат поспортски облечени, некои доаѓаат подотерани.

А ако во иднина се запишеш на некој од нашите курсеви, таму се облекуваме секогаш покомфорно.

На тие курсеви некои луѓе доаѓаат по комфорни панталони, некои се облечени баш како за спортски тренинг. 

Речиси никој не се дотерува на курсевите, затоа што тие часови се веќе дел од формален курс.

За еднодневните воведи, сепак е различно. Бидејќи воведите се обично во петок или сабота навечер, понекогаш има и дотерани луѓе, затоа што после воведот одат директно во град. А за воведот тоа не е проблем бидејќи не правиме ништо посебно тешко, учиме едноставна основа на танцот.

Што е разликата меѓу воведот во танц и почетниот курс за танц?

Воведот во танц е сличен на првиот час од почетниот курс за танц, само што е уште полесен. Предвиден е за човек што никогаш не пробал ниту танц, ниту нешто слично во животот.

За тие што се регистрирани за курс по танц, претходно одење на бесплатен вовед е супер начин да се спремиш за курсот.

Другата разлика е во тоа што на курсот имаме оптимална бројка на луѓе кои се идеално распределени во просторијата. Додека на воведот бројката и распоредот на луѓето не се идеални.

Групата за курс се формира подолго време пред да почне курсот – за да осигураме совршена бројка и тип на луѓе за одвивање на продуктивен курс.

На курсот имаме добар сооднос машки-женски и со курсот почнуваме само кога има доволно машки, односно партнери за сите девојки.

Така девојките на курсот не мораат да чекаат на ред да играат со партнер. Додека на воведот понекогаш има помалку машки. Но бидејќи на воведот се учи само апсолутна основа, тоа не е проблем.

Јас имам две леви нозе, треба ли нешто да направам да се спремам?​​

Апсолутно ништо, опушти се 🙂 Воведот е за апсолутен почетник што не пробал никогаш ништо во животот.

Тие што пробале некогаш порано танц или слични активности може дури и да се чудат на часот, односно да им се чини премногу едноставен и лесен.

Ова е затоа што воведот е дизајниран за тебе ако никогаш во животот немаш пробано ништо и не ти одат вакви работи “природно”.

Дури и тој со две леви нозе лесно ќе научи да игра на ритам веќе до крајот на воведот. Плус ќе има одлична основа ако сака нешто повеќе во иднина.

Затоа и ги замолуваме тие со претходно искуство да не се пријавуваат за овој вовед, бидејќи е за апсолутни почетници.

Доколку имаш претходно искуство со танц, информирај не. Ќе може да почнеш директно во курс за повисок степен. Или ако треба ќе може да комбинираш повисок степен со почетниот курс.

Можете да ми помогнете за локацијата?

Воведите што се одржуваат овој период се одржуваат во Студио Брејкалег. Тоа е на само неколку минути пешки од Нова Железничка. 

За подетална помош, можеш да ја погледнеш оваа страница. Има google map, опис за наоѓање на локацијата според познати објекти, итн…

Како можам да се пријавам?​

Пријавувањето оди по електронски пат. За да се пријавиш, само пиши ни порака на Фејсбук страницата со шифра “Вовед по танц.” Тоа можеш да го направиш преку Messenger тука.
Scroll to Top