Најчесто поставувани прашања и одговори за почнување со курсот

На оваа страна се наоѓаат одговорите за најчесто поставуваните прашања и речиси се што може да ти притреба да знаеш за одењето на курсевите по танц. 

Белешка за девојките

Доколку има било какви промени со резервацијата, на пример не можеш да стигнеш на првиот час или ти се смени распоредот и не ти одговараат веќе термините - информирај не за да го ослободиме местото. Веќе има поголем број девојки кои се на листа за чекање и можат да се вклучат најкасно до вториот час. Да бидеме фер према нив, затоа што чекаат место.

За Првиот Час

Други информации

Што треба да облечам?

Во студијата каде што ги одржуваме часовите, се пази доста за хигиената на подот. 

– Ќе требаме да носиме посебно (чисти) обувки за часовите.

– Ако некој навистина нема посебен пар за вежбање (и не може да најде стар пар), не е задолжително, а ќе имаат како да се зачистат пред влегување.

– Но ќе пробаме сите да вежбаме со посебни обувки, не со истите обувки со кои доаѓаме од надвор.

Во однос на алишта – нашите курсеви се одвиваат во по-опуштена рекреативна атмосфера.

Некои доаѓаат по комфорни панталони, некои се облечени баш како за спортски тренинг. Единствено не одговара облека како за излегување во град.

Не е дека не се дотеруваме и ние. Но тоа го правиме кога ќе излеземе во град да танцуваме на забава.

На часовите доаѓаме да научиме да играме во една пријатна и комфорна атмосфера, не за да се покажеме.

– За тие што носат посебно опрема – имаме соблекувална. Доколку си носиш посебно опрема, пожелно да дојдеш порано за да се преоблечеш пред почетокот на часот.

(За девојки) Знам дека ќе го пропуштам првиот час, но нејќам да го откажам местото

Ако знаеш дека ќе стигнеш на вториот час, не мораш да го откажеш своето место за курсот. Ако не си сигурна, те замолуваме информирај не, има девојки што чекаат место. 

Тие можат да се вклучат само ако ги информираме навреме, пред вториот час. Не можат да се вклучат од трет час, тогаш е прекасно.

Го пропуштив првиот час, што да правам сега?

Првиот час е најважниот час во курсот. На овој час ја учиме основата на танцувањето на еден забавен и лесен начин. Нема да имаш чуство дека правиме нешто посебно, но сепак часот е навистина посебен.

Иако часот е лесен и сите можат да го фатат, сепак на него се поставува битна основа за понатаму.

Оние што ќе го пропуштат првиот час и ќе дојдат директно од втор час можат да фатат, но нема да им биде толку забавно.

Додека другите се радуваат на учењето интересни понови работи и ги фаќаат релативно лесно, оние што го пропуштиле првиот час ќе мора да се концентираат повеќе.

Само информирај не доколку го пропуштиш првиот час. Најчесто имаме начин да надоместиш со т.н. “воведен час” кој што е ист како првиот час на курсот. Ова е најидеалната опција.

Ако не успееш да го фатиш ни воведниот час за надоместување, тогаш на вториот час може да дојдеш малку порано. Ќе има и други луѓе што доаѓаат да повторат, и сите заедно набрзина ќе го повториме најбитното од прв час.

А што ако го пропуштиш и вториот час? Ако ги пропуштиш и првиот и вториот час, нашата препорака е да не почнуваш од трет час.

Ако дојдеш на трет час вака, само ќе добиеш уништена самодоверба и ќе заклучиш (грешно) дека ти не си за танц и не треба ни да пробуваш.

Ако не успееш да надоместиш, може и ќе треба да почекаш да почне нова група, па да го фатиш курсот од почеток со таа група.

Постојано формираме нови групи, па нема да мораш да чекаш многу долго. А подобро е да почекаш отколку да имаш лошо искуство со курсот и танцувањето.

Доколку имаш некое искуство со пробување танц или тренирање слични активности, можеш да пробаш да се вклучиш од третиот час ако сакаш.

Ако имаш многу претходно искуство со слични активности, можно е дури да имаш обратен проблем, односно дури и вториот и третиот час да ти се прелесни. Ова зависи од тоа колку имаш искуство со слични активности.

Јас имам две леви нозе, треба ли нешто да направам да се спремам?

Апсолутно ништо, опушти се 🙂 Првиот час е за апсолутен почетник што не пробал никогаш ништо во животот. 

Тие што пробале некогаш порано танц или имаат “талент” може дури и да се чудат на часот, односно да им се чини премногу едноставен и лесен.

Ова е затоа што првиот час е дизајниран ако никогаш во животот немаш пробано ништо и не ти одат вакви работи “природно”.

Дури и тој со две леви нозе лесно ќе научи да игра на ритам веќе на првиот часот. А до крајот на курсот ќе игра повеќе танци со самодоверба.

Затоа и ги замолуваме тие со претходно искуство да не се пријавуваат за овој курс, бидејќи е за апсолутни почетници.

Доколку имаш претходно искуство со танц, информирај не. Ќе може да се префрлиш во група со повисок степен. Или ако треба ќе може да комбинираш повисок степен со почетниот курс.

Ама јас имам играно ептен малку само. Можам ли сепак да си останам во почетната група?

Доколку имаш пробувано да играш барем малку, ситуацијата е различна. На пример ако имаш одено само неколку часа како дете, или пак имаш пробувано по латино забави.

Немаш доволно знаење да можеш да почнеш на повисок степен. А веројатно е дека и многу работи и ги имаш научено неправилно и грешно.

Најдобро е да одиш на почетна група зашто ќе ги научиш по-правилно работите. 

Само имај предвид дека ќе треба да имаш малку трпение на првите часови. Дури и ако имаш ептен малку пробувано, тебе часот ќе ти биде многу полесен од другите. 

Може дури и да ти биде досадно и да се чудиш зашто некои работи ги повторуваме ептен бавно. 

Но ова е така затоа што групата е за луѓе што не пробале апсолутно ништо и никогаш во животот. Курсот е дизајниран специјално за нив, а особено првите неколку часови.

Стрпи се и почекај неколку часови, зашто тогаш ќе стигнеме на ниво каде темпото на работа ќе ти одговара и тебе. Дотогаш ќе ти биде најверојатно бавно и чудно.

А во меѓувреме фокусирај се на информациите што ги даваат инструкторите за правилност. Можно е многу работи да ги играш грешно.

Можете да ми помогнете за локацијата?

Почетниот курс кој што стартува сега се одржува во Студио Брејкалег. 

Тоа е на само неколку минути пешки од Нова Железничка. 

За подетална помош, можеш да ги погледнеш овие страници:

– Ако доаѓаш пешки (кликни тука)
– Ако доаѓаш со автомобил (кликни тука)

Како оди за плаќањето, на кој час се врши плаќањето?

Речиси сите прават некаква уплата уште веднаш после првиот час. Но не е задолжително ако навистина не стигнеш да уплатиш уште од првиот час. Дел прават уплата на втор час, а помал дел луѓе се случува да уплатат дури од трет час.

Инструкторите ги организираат овие курсеви без желба за профит и членарината е дизајнирана да го покрие трошокот за користење на студиото.

Доколку сакаш можеш да направиш уплата само за првиот месец, па потоа за секој месец посебно. Но повеќето решаваат да го искористат попустот за плаќање на целиот курс одеднаш.

За повеќе информации за сите и цени и попусти, можеш да видиш во ценовникот тука

Доколку откриеш екстра попуст во ценовникот и сакаш да го искористиш, информирај не за тоа.

На пример доколку најдеш уште еден пријател за одење на курсот и сакаш да го искористиш попустот за повеќе пријатели – информирај не.

Или пак ако начекаш промоција за парови, носење свој партнер, и слично. Информирај не ако сакаш да искористиш таква промоција.

Ќе морам да пропуштам неколку часови поради оправдани причини, дали ќе ми направи проблем?

Курсот е дизајниран за луѓе што танцуваат првпат во животот и одат редовно на сите часови. Брзината е темпирана за да им биде идеално на тие луѓе.

А пак за тие што се нередовни, нив темпото ќе им се чини премногу брзо и напорно. Додека пак тие што имаат претходно искуство со танц, најчесто ќе имаат чуство дека курсот оди премногу бавно.

Доколку инструкторите го трошат часот на повторување работи за тие што пропуштиле часови, тогаш се лутат редовните бидејќи тие губат време на нешто што веќе го учеле. 

Секој час се учи нешто што е 20-30% понапред од претходниот час. Се оди по темпо кое е идеално за тие што се редовни. Се повторува доволно да сме сигурни дека старото е совладано, но учиме доволно нови и работи да ни биде интересно.

 

Ако ти пропуштиш 2-3 часа и дојдеш директно на час кој е многу понапред, знај дека на другите часот и танцувањето ќе им биде многу позабавно, додека кај тебе наместо забавно, може да ти биде напорно.

Може дури да се случи да донесеш грешен заклучок дека “танцот мене не ми лежи, не е ова за мене”. Но ова се случува зашто другите веќе го совладале тоа што е на пониско ниво, и сега учат нешто што е понапредно. За нив е нешто ново и интересно, но за тебе е нешто напорно и чудно. 

За среќа ние имаме повеќе начини да ти помогнеме доколку мораш да испушташ некои часови од оправдани причини. 

Само информирај не, и ќе го најдеме идеалното решeние за тебе… за да можеш и ти да уживаш во часовите исто како другите.

 

Како можам да се пријавам?

Пријавувањето оди по електронски пат. За да се пријавиш, само пиши ни порака на Фејсбук страницата со шифра “За Упис на Латино Основи.” Тоа можеш да го направиш преку Messenger тука.

Scroll to Top